Денес, милиони луѓе се упатуваат кон Барселона само за да ги видат неговите живописни ремек-дела, кои изгледаат како да се излезени од бајка. Но, дали сте знаеле дека творецот на „Саграда Фамилија“ го загубил животот под тркалата на трамвај, при што таксистите одбиле да го однесат во болница – сметајќи го за сиромашен човек кој нема ниту денар кај себе?
Како уникатен талент во светот на архитектурата, Антони Гауди бил вистински индивидуалист кој го променил начинот на кој ја доживуваме архитектурата и зад себе оставил трајно наследство.

Антони Гауди: Уникатен архитектонски талент и вистински индивидуалист
Неговите дела се крајно препозналиви, а поддршката што ја добивал од своите нарачатели придонела за големиот успех што го постигнале тој и неговите креации.
Антони Гауди – чие целосно име гласи Антони Пласид Гиљем Гауди и Корнет – бил каталонски архитект од периодот на Арт нуво, познат по својот оригинален стил и длабоко личен пристап кон дизајнот.
Како посветен католик, тој проектирал градба која подоцна ќе стане една од најзначајните цркви во светот – Саграда Фамилија. Црквата била замислена со 18 кули: 12 за дванаесетте апостоли, 4 за четворицата евангелисти, една за Дева Марија и една за Исус. Изградбата на Саграда Фамилија започнала во 1882 година, а се очекува да биде завршена во 2026 година. Саграда Фамилија е дел од светското наследство на УНЕСКО; според извештаите во шпанскиот печат, во 2004 година таа била најпосетуваната туристичка атракција во Шпанија, привлекувајќи 2,26 милиони посетители – надминувајќи ги и музејот „Прадо“ во Мадрид и Алхамбра, седиштето на маварската (арапска) држава.
> Ремек-делата на Гауди спојуваат три стила: шпанска доцна готика, барок и арт нуво.
Паркот Гуел е уште едно од неговите дела и истакната знаменитост во Барселона. Паркот вклучува тераса, долга клупа во форма на морска змија, патека со вградени гнезда за птици, колонада од шеталишта и многу повеќе.
По долгогодишна работа, тој целосно му го посветил својот живот на изградбата на своето ремек-дело – катедралата Саграда Фамилија.

На 7 јуни 1926 година, Антони Гауди бил удрен од трамвај; поради неговиот неуреден изглед и празните џебови, таксистите одбиле да го однесат во болница, плашејќи се дека нема да може да ја плати вожњата. Тој починал во болницата два дена подоцна, оставајќи ги зад себе своите дела и своето наследство за целиот свет.
Многу од неговите дела се наоѓаат во центарот на Барселона, а осум од нив се прогласени за светско наследство на УНЕСКО.








