Монументална статуа на Богородица, висока 55 метри, израсна во малото полско село Конотопје

Во идиличниот пејзаж меѓу житни полиња, ливади и езеро, кон небото се издига монументална статуа на Богородица. Токму поради неа, досега речиси непознатото село Конотопје, со околу 120 жители, во северниот дел на централна Полска, на 160 километри северозападно од Варшава, со недели е тема во полските медиуми.

Целиот објект, кој е видлив од голема оддалеченост, достигнува височина од повеќе од 55 метри. Снежнобелата статуа е висока 40,6 метри и е поставена на постамент висок 15 метри, обликуван како круна, кој во иднина треба да служи и како видиковец.

Монументот ја надминува по висина прочуената статуа Христос Спасителот во Рио де Жанеиро, која заедно со постаментот достигнува 38 метри.

Свеченото отворање е закажано за оваа сабота, 15 август 2026 година, на католичкиот празник Успение на Пресвета Богородица. Иако завршните градежни работи сѐ уште траат, а просторот е обезбедуван и ограден, веќе со месеци таму пристигнуваат илјадници посетители, аџии и љубопитни туристи.

Мислењата во Полска за оправданоста на проектот се поделени.

„Кошмар. Голема нула. Наместо овие пари да се вложат во корисни проекти, финансирана е огромна планина од бетон“, пренесува неделникот „Њузвик“ еден од критичките ставови.

Од друга страна, една верничка за конзервативниот неделник „Шјечи“ изјавила:

„Прекрасна е оваа Богородица. Секоја чест. Фантастично достигнување.“

Од старо железо до милионско богатство

Донатор на статуата е 75-годишниот Роман Каркошик, кој потекнува од соседното село и денес е меѓу најбогатите луѓе во Полска.

Пред речиси четири децении, кога пазарната економија постепено ја замени социјалистичката, Каркошик, кој има техничко образование, прво работел како шанкер. Подоцна започнал со откуп на старо железо, производство на газирани пијалоци и станал првиот претприемач во Полска што почнал со производство на пластични шишиња. 

Подоцна стекнал углед на Варшавската берза, а некои новинари неговото влијание врз полскиот бизнис го споредуваат со улогата што Ворен Бафет ја има на Волстрит.

Неговото богатство се проценува на 1,9 милијарди злоти, односно околу 442 милиони евра. На листата на најбогати Полјаци на списанието „Впрост“ го зазема 44-то место.

Бизнисменот живее во замок од 18 век во местото Кикол, на само два километри од Конотопје.

Каркошик и неговата сопруга Гражина ретко се појавуваат во јавноста и избегнуваат контакти со медиумите. Поради тоа, трошоците за изградба на споменикот не се официјално објавени. Полските медиуми шпекулираат дека проектот можеби чинел околу 100 милиони злоти.

Според краткото соопштение на семејството Каркошик, статуата претставува „гест на благодарност“.

Според медиумски извештаи, верникот Каркошик сакал да ѝ се заблагодари на Богородица за закрепнувањето по тешка болест. Неговите двајца браќа, исто така успешни бизнисмени, се разболеле и починале прерано.

Тој уште во 2011 година изградил црква во блиско место за аџилак каде што се наоѓа шумска капела со Пиета од 19 век.

Надеж за економски развој и симбол на верата

Авторот на статуата, вајарот Адам Јакуб Матејковски, признава дека долго време се плашел да ја види својата замисла реализирана.

„Се плашев да дојдам во Конотопје и да видам како мојот проект изгледа во стварноста“, рече тој за полските медиуми.

Уметникот стравувал дека главата и рацете на Богородица би можеле да остават неприроден впечаток. Дури во јули решил да ја посети локацијата.

„Ги отворив очите и останав како скаменет. Богородица ги отвора рацете за да нѐ прегрне“, рекол задоволно авторот.

Тој објаснил дека токму тоа била неговата замисла: фигурата да има човечки карактер и симболично да им се приближува на луѓето. 

Матејковски тврди дека скулптурата го има погледот на неговата 11-годишна ќерка и нежните црти на лицето на неговата сопруга.

Областа околу Конотопје се вбројува меѓу економски послабите региони во Полска. Во регионот речиси и нема индустриски капацитети, а работните места се ограничени.

Поради тоа локалните власти очекуваат статуата да придонесе за економски развој.

„Овој монумент не е само духовна, туку и стратешка точка за регионот. Очекуваме да привлече повеќе инвеститори и туристи, што ќе има позитивно влијание врз локалната економија“, вели Кшиштоф Ковалевски од градската и општинската администрација во Кикол.

Градоначалничката Рената Голембјевска веќе бележи рекордни приходи во рестораните и угостителските објекти.

Полска е позната по своите монументални христијански споменици. По демократските промени во 1989 година, во Лихењ, во централна Полска, беше изграден огромен храм кој по димензиите ги надминува катедралите во Париз и Келн. Објектот е долг 138 метри, широк 77 метри и располага со купола со пречник од 35 метри, а може да прими до 20.000 верници.

Од 2010 година во Полска се наоѓа и највисоката статуа на Исус во светот. Лоцирана е во градот Швебоѓин, во близина на германската покраина Бранденбург. Статуата е висока 36 метри и се издига на поставка висока речиси 17 метри. 

Верски споменици наспроти брановите на секуларизација

Сепак, останува неизвесно дали ваквите грандиозни религиозни објекти можат да го запрат процесот на секуларизација на полското општество.

Иако Полска и понатаму е меѓу најкатоличките држави во Европа, довербата во Црквата континуирано опаѓа. 

Католичката вера со векови претставувала клучен елемент на полскиот идентитет. Во 19 век, кога Полска немала сопствена држава и била поделена меѓу странски сили, верата играла важна улога во отпорот кон протестантска Прусија и православна Русија.

По Втората светска војна, Католичката црква и антикомунистичката опозиција, и покрај меѓусебните разлики, соработувале во борбата против комунистичкиот режим. Црквите биле засолниште за прогонуваните критичари на власта, а неколку свештеници биле убиени од тајните служби. Значајна улога во борбата против диктатурата имал и папата Јован Павле Втори, кој потекнувал од Полска.

По демократските промени во 1989 година, Католичката црква во Полска, како и во поголемиот дел од Европа, се соочува со постепена криза.

Според анкета на полскиот институт за истражување на јавното мислење ИБРИС од септември 2025 година, на Црквата ѝ веруваат 35 проценти од Полјаците. Во 2016 година тој процент изнесувал 58. Во истиот период недовербата се зголемила од 24 на 47 проценти.

Во 2026 година бројот на новоракоположени свештеници во Полска за првпат од 2000 година паднал под 200. И посетеноста на богослужбите бележи континуиран пад, особено кај младите.

Трендот на секуларизација, според бројни аналитичари, тешко дека може да биде запрен дури и со најголемата статуа на Богородица во Европа.

DW

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds