Новина во Келн: за посетата на Келнската катедрала за првпат ќе се наплаќа влез. Управата на Келнската катедрала одлуката ја оправдува со растечките трошоци за заштита и одржување на црквата. Посетителите кои доаѓаат на молитва и натаму ќе можат бесплатно да влезат преку посебен влез во одвоен дел од катедралата.
„За татковината не се плаќа влезница“
Најавата, всушност, се вклопува во поширокиот тренд: трошоците растат, јавните средства се сè поограничени, а посетите на музеи, базени и други институции на многу места стануваат поскапи.
Но во Келн воведувањето влезница за катедралата предизвика долготрајна јавна дебата. „За татковината не се плаќа влезница“, напиша на почетокот на јуни медиумскиот менаџер Оливер Екерт во весникот „Келнер Штат-Анцајгер“. Според него, Келн сега губи „место што отсекогаш им припаѓаше на сите“.
„Тоа што во иднина ќе се наплаќа влез за посетата на најважната црква во Германија е голема грешка во повеќе аспекти“, изјави за ДВ извршниот директор на Германскиот културен совет, Олаф Цимерман. „Катедралата е црква, а не музеј!“
Келнската катедрала е многу повеќе од обична црква. Нејзината изградба ја започнал католички надбискуп пред речиси 780 години. Шест века подоцна, нејзиното довршување го поддржал прускиот протестантски крал. По завршувањето во 1880 година, германскиот цар, исто така протестант, ја славел катедралата како симбол на единството на Германското Царство.
Катедралата не е само Божји храм и не е само културно наследство како една од најзначајните готски катедрали во светот. За жителите на Келн таа е симбол на домот, место за ориентација и дел од локалниот идентитет. За неа се пеат песни, се споменува во литературата и им недостига на оние што живеат далеку од градот.
Ниту една друга црква во Германија не е толку силно поврзана со локалниот идентитет како Келнската катедрала.
Кога во септември 1999 година почина Вили Милович, една од најпрепознатливите личности на Келн, актер и карневалист, неговото тело беше изложено токму во катедралата, каде што му беше оддадена последна почит. Катедралата тогаш се претвори во симболичен премин кон „келнското небо“.
Често се вели дека оваа катедрала „припаѓа сама на себе“. Надбискупот на Келн, кардиналот Рајнер Марија Велки, иако е една од највлијателните личности во Католичката црква и раководи со една од најбогатите надбискупии во светот, правно нема надлежност врз катедралата. Ниту може слободно да располага со неа, ниту е должен да ги покрива нејзините трошоци.
Растечки трошоци за одржување
Сепак, финансиските предизвици се сериозни. При најавата за новата влезница, раководителот на Келнската катедрала Гвидо Асман посочи дека годишното одржување чини околу 16 милиони евра.
Во финансирањето учествуваат Келнската надбискупија, Централното здружение за изградба на катедралата, покраината Северна Рајна-Вестфалија и градот Келн.
Но поради растот на платите, цените на материјалите и енергенсите, денес постои годишен финансиски дефицит од околу четири милиони евра.
„Имаме обврска луѓето што работат во катедралата да бидат соодветно платени“, изјави Асман.
Токму затоа се воведува влезницата. Исклучоци ќе има за посетителите на богослужби и за верниците кои доаѓаат на молитва, како и за деца, ученици, лица со попреченост и други категории.
Во меѓувреме, Централното здружение за изградба на катедралата бележи значителен раст на бројот на членови, бидејќи членството ќе служи како замена за билет.
Келнската катедрала не е првата црква во Германија што наплаќа влез. Во Католичката црква тоа е релативно ретка практика, бидејќи храмовите традиционално се сметаат за места за молитва, духовност и присуство на светото.
Кај протестантските цркви наплатата е почеста. Влез се плаќа, меѓу другото, во Берлинската катедрала, Наумбуршката катедрала и во други значајни храмови.
Во странство, посетителите уште почесто плаќаат влезници, без разлика дали станува збор за „Саграда Фамилија“ во Барселона, Вестминстерската катедрала во Лондон, црквата Фрауминстер во Цирих или катедралата „Свети Стефан“ во Виена.
DW










