„Бабин Срт МТБ авантура“ – велосипедски настан за промоција на авантуристичкиот туризам во Дебрца

На 5 јули ќе се одржи велосипедскиот настан „Бабин Срт МТБ авантура“, кој ќе ги собере љубителите на планинскиот велосипедизам и природата на планината Стогово, со старт од селото Лактиње во Општина Дебрца.

Настанот е во организација на Здружението за планински велосипедизам „Рупикапра МТБ“, а неговата главна цел е промоција на Општина Дебрца како атрактивна дестинација за авантуристички и активен туризам.

Организаторите информираат дека учеството е бесплатно и нема котизација за учесниците. За сите пријавени се обезбедени освежителни пакети, пунктови за поддршка долж трасата и ручек.

Предвидената рута е долга 40 километри, со вкупна елевација од 1.500 метри, а патеката ќе минува низ селата Лактиње, Годивје и Врбјани, сè до Бабин Срт, нудејќи уникатно доживување низ природните убавини на Стогово.

Од организацијата ги повикуваат сите љубители на велосипедизмот, рекреацијата и природата да се приклучат на оваа авантура и заедно да придонесат за промоција на туристичкиот потенцијал на Дебрца.




Бабин Срт — врв на планината Стогово, неговата надморска височина изнесува 2242 метри[1]. Се наоѓа во средишниот дел на главното планинско било и срт чиешто протегање по меридијански правец продолжува кон Караорман на југ. Претставува, последна (осма – КТ8) контролна точка на Првата – западна македонска планинарска трансверзала. Според орографските записи на македонскиот револуционер Ѓорче Петров во делото „Материјали по изучувањето на Македонија“, над масивот на Стогово се издигнува Бабин-Срт, којшто е господар на Дебарско, Кичевско и Охридско, макар што не е толку величествен и горд како Кораб, наспроти кој се издигнува[2]. Масивот на Стогово и Бабин-Срт е центар на грамадниот планински јазол на вториот дел на Шар[2]. Навистина, врвот Бабин Срт претставува четиримеѓе каде се допираат границите на Охридско, Струшко, Дебарско и Кичевско. Од врвот Бабин Срт се пружа прекрасна глетка на Охридското Езеро и Караорман на југ, а кон север Бистра и сиот шарски планински венец се до врвот Љуботен, со што од него на поглед се опфаќа сето протегање на Првата – Западна Македонска Трансверзала.

Ова е линкот за пријавување. Почна пријавувањето за МТБ авантурата Бабин Срт на Стогово

https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSda6rYbZq8bU8KCIFanxC17vjV3MshiBlyQEJ3mBd_b2DlanA/viewform

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds