Седмо декемвриско утро. Ден посветен на Светиот Великомаченик Меркуриј кој на големо се прославува во битолското село Барешани. Од Битола сите патишта водат кон ова познато место, најповеќе по својата моќ која привелкува голем број верници.

Кривулест тесен пат кој се издвојува од регионалниот пат Битола-Драгош-грчка граница води до битолското село Барешани кое се наоѓа на надморска височина од 617 метри.

Селото завиено во зеленило на југ граничи со Канино, од север со Олевени, од исток со Жабени, а од запад со Злокуќани. Барешани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско и доселеничко население. Сега во селото живеат околу 160 жители. На самиот почеток од селото се изградени нови куќи кои во дворовите се уште ги чуваат урнатините од старите огништа. На среде село се издигнува црквата „Св. Димитрија“ а до неа сега разрушениот здружен дом. Црквата е изградена 1900 година, а последните две години со финансиска помош од баревци се обновува, во внатрешноста се подготвува за фрескоживопис, а и надвор се реновира фасадата. За реконструкцијата се вложени околу 35 илјади евра. На западната страна е исцртана фреска на ѕидот од светецот Димитриј, а на јужната страна стои икона изработена во бакар. Мирот и спокојот надополнети со зеленилото и разнобојните цвеќиња ги полнат и душата и очите.

Таму горе после свиокот првиот поглед ви го обзема камбанаријата извишена среде рушевини од камен и плитар, кои до 1945 година биле конаци, но сликата наговестува дека зад ѕидините се крие божји рај.

Тука над широко отворената порта натпис Црква Свети Меркуриј а кога ќе поминете низ портата навидум широка зелена полјана која го полни окото, пред вас се протегаат конаците а од десната страна е стариот вековен манастир посветен на Св. Mеркуриј.

Манастирската црква е изградена во 1836 година, на надморска височина од 710 метри. Од конаците има прекрасен поглед на Пелагонија и Леринско поле. Во црквата иконостасот е со два реда на икони, работени од непознат мајстор. Испишаните години на некои од престолните икони, потврдуваат дека тие се насликани во 1853 година.

Во самата црква на северниот ѕид, на левата страна од пред олтарот извира вода, за која баревци веруваат дека е света лековита вода. А на истото место од надворешната северна страна има голем камен положен покрај темелот од црквата за кој се верува дека има моќ да им помага на жените кои подолго време не можат да останат бремени.

Во селото се верува дека манастирот бил изграден откако барешанец сонил сон додека бил на печалба во Кападокија каде е и гробот на преподобниот Меркуриј. На сон му било речено „да се вратиш во Барешани, на тоа место има вода и почни да градиш манастир, ќе се вика „Свети Меркуриј“. Кога му кажал на агата кој му бил газда овој не само што веднаш го испратил назад, туку му дал и пет лири.

-Од 1892 до 1896 година манастирот бил грчка богословија, тука во конаците се школувале деца. Но, селаните не се сложувале, па школото било затворено после 4 години, вели Тодоровски.
Еден дел од манастирот, пак, на крајот на 19 век и по Првата светска војна бил наменет за згрижување на душевно болни лица. За тоа постојат и пишани сведоштва од руски новинар помеѓу двете светски војни.

Моќта на светиот камен на црквата „Св. Меркуриј“
Повеќе семејства, и христијани и муслимани, кои се помолиле на светиот камен и се измиле со светата вода од манастирот добиле принова.

Во „Св. Меркуриј“ е крстен и војводата Ѓорѓи Сугарев
На предната страна од манастирската црква стои табла дека туку е крстен војводата Ѓорѓи Сугарев. За чудотворната моќ на „Св. Меркуриј“ се знаело од многу поодамна. Народот верувал дека негово дело е тоа што поживеал војводата Сугарев од Битола. Во книгата на историчарот Ѓорѓи Димовски-Цолев посветена на животот на војводата тој запишал дека во бракот на неговите родители Коте и Донка се родиле 19 деца, но умирале. Првото дете кое им останало живо бил Ѓорѓи роден 1876 година. Според народниот обичај заради смртноста на децата, новородениот Ѓорѓи бил пречекан на нова, некалаисана тепсија, па со пајтон однесен и крстен во манастирот „Св. Меркуриј“ во Барешани.
Крстилницата во која бил крстен Сугарев се уште стои во манастирската црква.

Оваа година имаше повеќе кумови а исто толку се пријавија и за следната година кои ќе го продолжат вековното кумство и опстојување на овој долгогодишен духовен и непресушлив извор од кој многумина пронашче мир, спасение, лек и рожба.
Денес ова место беше претесно да ги собере сите верници кои одлучиле да го посетат по повод празникот, да се помолат за здравје и благосостојба како и да бидат дел од прославата на овој голем Барешански светител.




