Пигмејските заедници во Африка користат рачно изработени флејти за комуникација и лекување

Во некои делови на Африка пигмејските заедници ги негуваат древните традиции користејќи рачно изработени флејти не само за забава туку и како алатки за комуникација и ритуали на лекување – рефлектирајќи начин на живот длабоко вкоренет во хармонија со природата, пишува Анадолу.

Народот Бака, припадници на пигмејската заедница, живее во централноафриканските дождовни шуми.

Нивниот начин на живот е длабоко поврзан и воден од блиската врска со природната средина.

Рачно изработените флејти, исто така, симболизираат врска со природата.

Овие флејти, направени од бамбус или трска, поврзани со природни влакна, се повеќе од музички инструменти – тие се алатки за комуникација, лекување и духовна врска.

Бака флејтистката Абадона Адибиме за Анадолу изјави дека флејтата служи како еден вид „телефон“ во шумата, при што се користат различни мелодиски кодови уникатни за секој клан за комуникација низ џунглата.

За време на церемониите во чест на шумскиот дух Џенго или во ритуалите за лекување, тонот на флејтата се менува за да се поттикне духовното и физичкото закрепнување.

Во пигмејската култура свирењето флејта се смета за почитуван чин, за кој е потребно да се посвети внимание. Вообичаено е да се побара дозвола пред да се свири на флејта, особено на места надвор од заедницата, како што се урбаните средини.

– Пигмејци –

Пигмејците се сметаат за дел од домородните заедници на африканскиот континент, особено оние што живеат во тропските шуми на Централна Африка, со историја што трае илјадници години. Иако овие луѓе, генерално, се познати по височината пониска од просечната, терминот „Пигмејци“ не е само физичка карактеристика туку и опис на одредена култура и начин на живот.

Најпознати групи се Бака (Камерун), Ака (Централноафриканска Република и Конго) и Тва (Бурунди, Руанда и Демократска Република Конго).

Пигмејските заедници историски живееле живот базиран на лов. Односот што го градат со шумата е економски и духовен. Овие народи се познати по нивната традиционална музика, усно пренесување приказни, практики на лекување и начин на живот во хармонија со природата.

Денес пигмејската заедница продолжува да ги чува својот јазик, музика и традиционална мудрост и покрај заканите, како што се уништување на шумите, присилно раселување, исклучување, дискриминација и културна асимилација.

извор:АНАДОЛИЈА

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds