Тајланд, познат по своето богато културно наследство, е дом на многубројни храмови што го одразуваат историскиот и религиозниот идентитет на земјата, привлекувајќи туристи со својата архитектура, златни украси и детални камени резби, јавува Анадолу.
Еден од највпечатливите е Ват Ронг Кун, познат како Белиот храм, модерен будистички храм во Чијанг Раи, кој се истакнува со целосно белата структура и комплексните скулптури, разликувајќи се од традиционалните храмови.
Во Чантхабури се наоѓа будистичкиот парк Махарат, во кој има огромна статуа на Буда, различни храмови и будистички симболи, претставувајќи значајно духовно и туристичко место.
Ајутаја, поранешната престолнина на кралството Сијам (1350-1767), лоцирана во централниот дел на Тајланд, е позната по урнатите храмови и урнатините и внесена е на листата на светско наследство на УНЕСКО.
Дои Интанон, највисока планина во Тајланд со 2.565 метри, се наоѓа во Чијанг Маи и дом е на две прекрасни пагоди, изградени во чест на кралот Рама IX и кралицата Сирикит, кои ја демонстрираат елеганцијата на тајландската архитектура во хармонија со природата.
Ват Хуај Пла Канг во Чијанг Раи е импресивен будистички храм познат по мирната атмосфера и 25-метарската статуа на Гуан Јин, која привлекува многубројни посетители.
Исто така, Ват Ронг Суа Тен, познат како Синиот храм, е модерен будистички храм украсен во сини тонови, кој стана популарна туристичка атракција.
Овие локации ја истакнуваат длабоката поврзаност на Тајланд со будистичката култура и традиција, нудејќи уникатни искуства за посетителите.