Валета, главниот град на Малта, иако мал по својата големина, низ вековите успеал да го зачува својот автентичен дух, привлекувајќи голем број посетители, јавува Анадолу.
Изградена на тесен полуостров со должина од само еден километар и ширина од 600 метри, Валета е позната како една од најконцентрираните историски зони во светот.
Со својата богата барокна архитектура и величествени згради, оваа медитеранска метропола останува симбол на историјата и културата.
Валета, чија историја датира од 16 век, беше основана во 1566 година од Витезите на Свети Иван и го добила своето име по нивниот водач Жан Парисот де ла Валет.
Денес, градот ги воодушевува посетителите со своите импресивни тврдини, палати, цркви и уметнички дела кои ја одразуваат елеганцијата и префинетоста на 16 век.
Градските ѕидини кои се издигнуваат над Средоземното Море нудат неверојатен поглед, што ја прави Валета совршена дестинација за релаксација и истражување.
Иако е мал град, Валета има огромно историско и културно значење.
Во 1980 година, градот беше вклучен на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, што уште повеќе го потенцира неговото значење.
Денес, Валета е административно и комерцијално срце на Малта, каде што локалното население и туристите секојдневно ги истражуваат нејзините живописни улици, мали продавници и кафулиња.