Водопадите Козице се вистински скриен шумски рај оддалечени 10 километри од Фојница, во Босна и Херцеговина (БиХ), известува Анадолу.
Иако е познато по термоминерално лекувалиште и фрањевскиот манастир изграден во 14 век, местото Фојница крие и бројни природни убавини како што се Прокошкото езеро и водопадите Козице.
Водопадите Козице се малку познат локалитет и малку позната дестинација поради лошата патна инфраструктура. Сепак, станува збор за место каде има што да се види и доживее. Овој природен скапоцен камен се наоѓа на десет километри од Фојница.
Асфалтиран пат се протега до раскрсницата за селата Драгачиќи и Владавиќи, од каде започнува макадамски пат. Во сенката на вековните шуми, три помали и два поголеми водопади, се спуштаат по стрмните карпи во кристално чиста вода од височина од околу 20 метри.
Ова е идеално место каде што ќе ја доживеете природата во нејзината целосна форма, но и ќе се одморите од секојдневните обврски и градската врева.
Есента е сезона со најтопли, најинтензивни бои на природата и најразновидни текстури.
Токму тие бои на есента, кои никого не оставаат рамнодушен, ги сними фоторепортерот на Агенција Анадолу кај водопадите Козице.