ОСЛО – дестинација за уживање во лето

Осло, главниот град на Норвешка, е енергична метропола која прави перфектен спој на скандинавските природни убавини со богатото културно наследство. Сместен на крајот од големиот Ослофјорд и бујните шуми на околните планини, градот нуди плејада на атракции, од стари средновековни замоци и катедрали, кралскиот дворец , до модерна архитектура и природна убавина од која застанува здувот.  Осло во лето е град кој ветува незаборавни доживувања и спомени за секој патник.

**Катедрала во Осло: духовно рај**

Една од најзначајните знаменитости на Осло, катедралата во Осло (Осло Домкирке), е доказ за историското и духовното наследство на градот. Изградена во 17 век, катедралата е позната по својата неверојатна барокна архитектура, сложените резби во дрво и прекрасните витражи. Посетителите можат да се восхитуваат на величественоста на катедралата, да ја доживеат нејзината мирна внатрешност и да слушаат оригинален звук од оргули кој овде заради акустиката на објектот се доживува на поинаков начин.

**Улица Карл Јоханс: пешачка зона на Осло**

Улицата Карл Јоханс е главната пешачка зона во Осло, која пулсира со енергија и живот. Се протега од централната железничка станица и завршува кај Кралската палата, оваа раздвижена улица е преполна со продавници, кафулиња, ресторани и историски градби. На оваа улица е и парламентот на Норвешка, Националниот Театар, а прилепен на улицата е и овој прекрасен парк со ова езерце и фонтаните.

Оваа улица е идеална за лежерна прошетка, давајќи ви прилика да го почувствувате урбаниот живот на денешно Осло.

** Кралската палата**

Сместена на крајот од улицата Карл Јоханс, Кралската палата стои издигната на рид од кој се пружа поглед кон целата улица Карјл Јохан и центарот на Осло. Палатата, изградена во 19 век, служи како официјална резиденција на норвешкиот монарх. Посетителите можат да бидат сведоци на промената на церемонијата на стражата, да ги истражат прекрасно уредените паркови на палатата и во текот на летните месеци, да прават обиколки со водич низ внатрешноста на овој дворец. Интересно е да спомнеме дека во паркот на дворецот и денес Кралската фамилија ги чува и одржува улиштата со пчели кои покрај тоа што прават мед, се и традиција која денес се покажува на туристите.

**Операта во Осло: Архитектонско чудо познато ширум светот**

Операта во Осло е модерно архитектонско ремек дело кое стана симбол на културната ренесанса на градот. Нејзиниот уникатен дизајн, кој наликува на санта мраз што се издига од Ослофјорд, ги привлекува посетителите да одат по нејзините искосени сводови и да стигнат до нејзиниот врв од каде се пружа панорамски поглед на градот и фјордот. Внатре оваа оперската куќа има ресторан и кафетерија која излегува на отворено. Операта во Осло е домаќин на претстави од светска класа на опера, балет и класична музика, што ја прави задолжителна за посета на љубителите на уметноста и културата.

** Тврдината Акершус и Армискиот музеј **

Сместен на рид со поглед на Ослофјорд, тврдината Акершус е средновековен замок кој има оставено голема трага во историјата на Норвешка. Посетителите можат да ги истражуваат неговите стари ѕидини, да прошетаат низ парковите и да уживаат во воодушевувачкиот поглед на фјордот. Во рамките на тврдината, музејот на норвешките вооружени сили нуди фасцинантен поглед на воената историја на земјата, со експонати кои почнуваат со викиншко оружје, а завршуваат до модерна одбранбена опрема.

**Крстарење со брод во фјордот Осло**

Ниту една посета на Осло не е комплетна без да се доживее убавината на Ослофјорд. Патувања со брод нудат уникатна можност да се погледне градот и неговата околина од морската површина, овозможувајќи им на посетителите да ги погледнат бројните острови, да уживаат во преубавите крајбрежни пејзажи и шармантните приморски села. Пловењето по Ослофјорд е спокоен и живописен начин да се види природниот раскош на Норвешка, и да се почувствува мирот во кој живеат луѓето во домовите на островчињата.

** Осло има и плажи **

Осло во урбаната зона на градот има десетина плажи, и уште неколку десетици плажи се распослани низ Фјордот. Температурата на водата во Ослофјорд кој е дел од Северно Море во јули беше 18,5 степени цензиусови , а пливањето беше вистинско освежување. Плажата која сега ја гледате се наоѓа веднаш до операта и за нас беше вистинско уживање да се почувствува летото блиску до арктичкиот поларен круг. Доколку се случи некој ден времето да е дождливо, како опција ги имате овие сауни, кои покрај шеталиштето ги има десетици и во кои можете да уживате во топла сауна, и да се разладувате во морската вода.

** Неколку совети **

Кафе бар во рамки на објектот на операта во Осло.

Времето во Осло во лето често се менува, па препорачуваме да понесете чадори или кабаници. Дождот во Скандинавија го има цело лето, но никогаш во форма на невреме, туку врне полека и варира од росење, до слаб дожд.  Денот во Осло во лето е долг и се стемнува после 23 часот и 30 минути, додека на небото над Скнадинавија сонцето останува да прави бои слични со зајдисонцата кај нас и изгледа како што го гледате на снимката.  Цените во Осло се многу повисоки од останатите летни дестинации и Ви препорачуваме да го имате тоа во предвид. Колку за илустрација , пица купена на оваа тезга чини 27 евра, но тоа не треба да Ве обесхрабрува бидејќи секогаш постои опција да купувате храна во супер маркети. Дополнително треба да знаете дека во Норвешка постојат услуги кои не може да се платат со готовина ( кеш ) и мора да плаќате исклучиво со картичка, како што е карта за крстарење со брод, или билет за автобус. 

Куќи на мало островче на кое во мирот на заливот живеат петнаесетина семејства во текот на целата година.

За крај може да заклучиме дека Осло е град кој плени со својата богата историја, културни богатства и прекрасни природни пејсажи. Од историската величественост на катедралата во Осло и тврдината Акершус до модерната елеганција на зградата на операта, атракциите на градот нудат разновидно и збогатувачко искуство. Додека шетате по улицата Карл Јоханс, ја посетувате Кралската палата и тргнувате на крстарење со брод во Ослофјорд, ќе откриете зошто Осло е дестинација што мора да ја посетат патниците кои бараат спој на мирот впиен во традицијата и модерноста.

Автор: Љупчо Таневски

ВИДЕО РЕПОРТАЖА ОД ОСЛО

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds