Турција: Музејот во Ефес прогласен за најдобар во светот

Музејот „Ephesus Experience“ во Туркије, лоциран во античкиот град Ефес, ја освои титулата за најдобар музеј на престижниот Mondo-Dr Awards, еден од најпрестижните во областа на технологијата, дизајнот и презентацијата, известува Анадолу.

Наградите Mondo-Dr се воведени за да им се оддаде признание на најдобрите инсталации ширум светот. Со текот на времето, наградите почнаа да ги избираат и најдобрите проекти и достигнувања во изложбениот и угостителскиот сектор, со посебен фокус на дизајнот на просторот, искуството на посетителите и техничките инсталации. Седмото издание на наградите Mondo-Dr се одржа во Лас Вегас на 12 јуни оваа година. Музејот „Ephesus Experience“ е прогласен за најдобар музеј од страна на независно жири.

Музејот „Ephesus Experience“ на посетителите им нуди незаборавно патување низ улиците на Ефес каде што ќе научат повеќе за животот во античкото време и ќе ги откријат тајните на тој свет. „Ephesus Experience“ е еден од првите музеи во светот кој комбинира историско раскажување приказни со напредна технологија создавајќи уникатно и привлечно искуство. Посетителите на музејот во текот на посетата имаат можност да го искусат секојдневниот живот, трговијата, архитектурата и уметноста на древниот Ефес преку имерзивна технологија (од англискиот збор „immersive“, кој од аспект на виртуелната реалност значи генерирање на тридимензионален приказ кој изгледа како да го опкружува корисникот) овозможувајќи богато аудио-визуелно искуство и оживувајќи ги приказните што се презентираат.

Зад овој проект стои DEM Museums, во кој е собран разновиден тим од архитекти, куратори, дизајнери, уметници, технолошки експерти, историчари и археолози од водечки светски компании и академски институции од Туркије и од светот.

Ефес секоја година привлекува илјадници домашни и странски туристи и е една од најинтересните дестинации на турскиот брег на Егејското Море. Во далечното минато Ефес бил еден од најголемите пристанишни градови, а во 2015 година е ставен на листата на светско наследство на УНЕСКО.

Ефес е еден од најдобро зачуваните антички градови во медитеранскиот регион и дом на храмот на Артемида, едно од седумте чуда на античкиот свет.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds