Групните тури без алкохол и ноќевањата без алкохол се вообичаена понуда за патувања ширум светот, но некои дестинации се природно подобри за „трезните патници“ во однос на некои други.
Во таа смисла, ново истражување од „Лантана рикавери“ – установа за рехабилитација од Чарлстон, Јужна Каролина, САД, го испитува бројот на безалкохолни активности, потрошувачката на алкохол по глава на жител, севкупните здравствени оценки, јавната безбедност и законите за алкохол во повеќе земји ширум светот. Секоја дестинација потоа добивала оценка од 1 до 100, што го обликувало конечниот ранг.
Според таквото истражување, Исланд е најпогодната земја за туристите кои не користат алкохол. Меѓу другото и во однос на личната и јавната безбедност. Италија, пак, имала најниска оценка за појавата на зависност од алкохол, од 0,6 отсто, со што го зазеде второто место, а Норвешка е трета, најмногу поради квалитетот и бројот закони за алкохол.
Европа всушност има шест од првите 10 места на топ-листата. Најдобри 10 земји за патници кои не пијат алкохол, се: Исланд, Италија, Норвешка, Данска, Јапонија, Швајцарија, Австралија, Сингапур, Нов Зеланд и Холандија.