Сместено во срцето на југозападна Македонија, живописното село Вевчани е место каде се наоѓа една преубава атракција создадена од природата – Вевчанските извори. Овие извори, со своите чисти води и бујното зеленило кое ги опкружува, нудат спој на мирот кој доаѓа од природата и звукот на водата која доаѓа од врутоците и тече низ потоците.
Пред да стигнете до самите извори, вреди да се забележи уникатниот карактер на Вевчани. Ова село, со население од нешто повеќе од 2.000 луѓе, може да се пофали со богата историја и силно чувство за културен идентитет. Традиционалната архитектура на селото, со традиционалните камени куќи и тесните улици со калдрма, ја зголемува неговата привлечност.
Вевчанските извори се наоѓаат на падините на планината Јабланица, на надморска височина од приближно 900 метри. Изворите се хранат од подземните води кои излегуваат од планината, создавајќи низа каскади и базени кои ја формираат во Вевчанската река. Водата е кристално чиста и освежителна и може слободно да се пие.
Низ изворите ќе се шетате низ добро уредени патеки кои поминуваат низ шумата. Како што ќе се движите на местата каде водата паѓа низ слаповите, звукот станува се погласен, а кога ќе стигнете до последниот извор кој е во пештера ќе видите дека таа нечујно излегува од карпите. Просторот околу изворите е обвиена бујна и зелена вегетација што прави дебели сенки и ладовина во летните месеци која дава чувство на мир и поврзаност со природата. Доколку тука дојдете во есен, можете да собирате костени, кои низ изворите ги има во изобилство.
Низ изворите на повеќе места има летниковци каде посетителите може да одмараат или да консумираат пијалоци и храна кои може да ги донесат со себе, а за љубителите на авантурите низ природа има патеки за пешачење и возење велосипеди кои водат понатаму во планинината Јабланица.
Во изворите има две цркви и еден параклис кои се изградени со донации на локалното население и Вечанци кои живеат низ светот.
Пред изворите се продаваат и сувенири, каде неодминлив е Вевчанксиот Пасош кој според тие кои го продаваат пасошот имал и виза .
Во непосредна близина на изворите е и оваа воденица која е стара повеќе од 250 години, а во која каменот и денес меле жито и пченка.
Воденицата е атракција за туристите кои ја снимаат и фотографираат , а тука може да купите свежо мелено брашно со кое може сами во вашиот дом да направите квалитетен леб или други пецива.
Од како ќе уживате во природата можете да посетите и некој од неколкуте вевчански ресторани, каде може да јадете традиционални јадења. Од сирење, ајвар, комат, печено месо, луканци, па се до полжави или риба која се зема од рибниците во рестораните.