(ВИДЕО) Бескрајна убавина која се издигнува над Дебарското езеро, манастир Св.Ѓорѓи Победонсец- Рајчица

Манастирот Свети Ѓорѓи Победоносец е сместен во село Рајчица, на околу 2км од градот Дебар, веднаш под патот кој води за Маврово.

Овој женски манастир е дел од Бигорски Манастир. Манастирката црква и конаците се изградени во 1835 година.

Раички манастир (понекогаш и како Рајчки манастир или Рајчички манастир) — преродбенички манастир во дебарското село Рајчица. Прогласен е за споменик на културата на Македонија.

Тој претставува женски манастир и е метох на Бигорскиот манастир. Овој манастир се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирските конаци и црква е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Во минатото, метохот на Свети Ѓорѓи функционирал како стопански дел на Бигорскиот манастир. Бил мошне богат и поседувал големи манастирски имоти, ниви и лозја. Овде се произведувале многу производи за потребите на Бигорскиот манастир. Низ годините, неколку пати бил напаѓан и рушен, но сепак грижата на игумените на Бигорската обител постојано го обновувала и одржувала овој метох. Најзаслужен ктитор, одговорен за неговата обнова е игумен Арсениј, под чие раководство била подигната денешната црква во 1835 година, а изградена врз темели на уште постара црква од XVI век.

До 2000 година, од некогашниот метох на Бигорскиот манастир, опстојувала само црквата „Св. Ѓорѓи“, како и стопански згради во урнатини, кои се користеле за сместување сено.

Со помош на самата Дебарско-кичевска епархија и големата финансиска помош на благородни организации, фондови и несебична помош на православните христијани од сите краишта од Македонија и надвор од неа, манастирот добил нови конаци, камбанарија и други помошни објекти. Во 2001 година се извршило осветување на новите објекти и започнал монашки живот.

Сестринството на манастирот негува редок занает, кој им е главно занимање на сестрите, а тоа е изработката на епископски митри. Досега имаат изработено богослужбени одежди на многу епископи и патријарси, меѓу кои и Вселенскиот патријарх. Освен ова, сестрите се вклучени и во изработката на икони, на светогорски темјан, а од неодамна активно работат и во разрешувањето на проблеми на посебни социјални случаи, особено кај младите.

Круни кои ги имаат изработени монахињите од манастирот ги носат владиците во Америка, Русија, Африка, Германија, Полска, Чешка, Бугарија, Србија, но најмногу во Грчката православна црква. Она по што се разликуваат нашите митри е раскошниот византиски стил на изработка.

При изработката на митрите е вклучено целото сестринство и тоа е главен извор на егзистенција во манастирот. Имаат изработени над 1.600 митри

wikipwdia.mk

video-patuvanja.mk

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds