Куќата на браќата Димитар и Константин Миладиновци во Струга

Браќата Димитар (Струга, 1810 — Цариград, 23 јануари 1862 г.) и Константин (Струга, 1830 — Цариград, 18 јануари 1862 г.) Миладинови — едни од главните претставници на македонската преродба во средината на XIX век.

Димитар и Константин се родени во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и сопругата Султана Миладинова, од осумте деца, шест синови (Димитар, Тане, Наум, Мате, Апостол и Константин) и две ќерки (Ана и Крста).

Браќата завршиле основно училиште во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, денешна Грција.

Средниот брат Наум Миладинов ја завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет ,,Халки” во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Наум во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македонија, додека при собирањето на народните песни истите ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф.

Најмалиот брат, Константин, дипломирал во 1852 година на Филозофскиот факултет во Атина, отсек грчка филологија.

На 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб, излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци — ,,Бугарски народни песни”, собрани од браќа Миладиновци, дело со речиси 600 македонски народни песни и точно 77 други (отстапени од фолклористот Васили Д. Чолаков).

Како што докажува дописката на Миладинов во Москва, сè до печатењето на книгата таа го имала работниот наслов „Македонски народни песни“ и оваа промена во последен момент е предмет на контроверзии (всушност, насловот „Бугарски народни песни“ за првпат се спомнува во писмо на Чолаков до Д-р Фрањо Рачки кусо пред самото печатење).

Во додаток на речникот, исто така се наоѓа и дел од првиот македонско-хрватски речник што Миладинов го спремал но не го објавил во целост (2000 збора) заради големината на Зборникот.

Зборникот побудил голем интерес меѓу славистичките и фолклористичките кругови на словенските земји и Европа, што се гледа од имињата на претплатниците на Зборникот.

Константин, пресреќен што животната цел, негова и на неговиот брат, е исполнета, зел неколку примероци од Зборникот и во средината на јули 1861 година го напуштил Загреб, тргнувајќи за родниот крај. Патем се задржал во Белград каде дознал дека неговиот брат Димитар веќе половина година чемрее во турските затвори.

Така наместо за Струга, тргнал директно за Цариград и никогаш повеќе не го видел родниот крај. Набрзо по пристигнувањето во Цариград и Константин бил фатен и фрлен во цариградските зандани.

Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори, во 1862 година, под засега неразјаснети околности.

foto Patuvanja.mk

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds