Пролетта е едно од најинтересните годишни времиња во Русија. Додека на некои места сонцето веќе наголемо грее и вегетацијата бујно цвета, на други сè уште можете да скијате и да уживате во поларната светлина.
МАРТ
Најадете се палачинки во Суздаљ и учествувајте во палењето на плашилото од слама
Секоја година во Русија цела недела луѓето се гостат со палачинки. Тој период се нарекува Масленица. Тркалезната форма на палачинката го симболизира сонцето, а овој обичај преземен од страна на христијанството доаѓа од паганското минато. За време на викендот на оваа празнична седмица, како збогум на зимата се пали огромна сламена кукла на Масленица која луѓето ја истеруваат, симболично создавајќи простор за доаѓањето на пролетта.
Во 2024 година Масленица ќе трае од 11 до 17 март, а руските палачинки во тоа време можете да ги пробате буквално во секое кафуле и ресторан. Особено живописно, со сенародна веселба во руски стил, празникот се одбележува во стариот град Суздаљ, кој оваа година слави 1000 години од основањето.
Календарското доаѓање на пролетта на поголем дел од територијата на Русија сé уште не значи доаѓање на потопло време. Снег ќе се задржи уште некој месец во многу региони, а можни се и мразеви со виулица. Додека сте во поларната област можете да уживате во вистинското чудо на природата – поларната светлина. Оваа „музика на светлината“ можете да ја видите во Мурманск и Мурманската област. Во исто време, посетете го живописното рибарско село Териберка на Баренцовото море, кое се здоби со популарност по филмот „Левијатан“ на Андреј Звјагинцев.
Посетете го Бајкалското езеро оковано во мраз
Бајкалското езеро е прекрасно во секое време од годината, но зиме станува нешто многу посебно. Цврст мраз на целото езеро се формира дури во јануари и трае до крајот на март. Овде дуваат силни ветрови, а притоа има многу сонце. Затоа снегот речиси и не ја покрива ледената површина и посетителите можат да го истражуваат езерото преку проѕирниот слој мраз.
Во една прилика нашиот главен уредник го посети Бајкалското Езеро во потрага по прекрасни фотографии и притоа остави дел од својата душа. Овде можете да го прочитате текстот за тоа и да ги видите фотографиите.
Испробајте ги скијачките патеки во Русија
Скијачката сезона во Русија трае речиси до крајот на пролетта. Особено е долга во студените и снежни скијачки центри во Сибир (Шерегеш) или зад поларникот (Куровск). Но, дури и во суптропскиот Сочи и на Кавказ сé до крајот на април можете да ги „протресете пердувестите навеви“. Патем, во тоа време на многу места се одржуваат фестивали со скијање во бикини! Дали би се осмелиле да направите такво нешто?
АПРИЛ
Доживејте го бујното цветање на Кавказот
На крајот на март на Кавказ можете да видите нежни розови облаци од расцутени бадеми и јапонски цреши, како и крокуси. Во Грозни, Чеченија, можете да направите симпатична фотографија со цвеќе пред џамијата „Срцето на Чеченија“. А можете да ја посетите и Северна Осетија и да се прошетате по топлиот Владикавказ меѓу цвеќињата. Исто така, ќе имате можност да се искачите на планините и да побарате различни цвеќиња, како и да пробате планински чај од локални билки.
Во декември 2023 година беше отворен нов брз автопат од Москва до Казан. По рутата М-12 сега за само 6,5 часа се стигнува до главниот град на Татарстан. Во април, кога зимските гуми се заменуваат со летни, вистинско време е да го посетите Казан, каде што можете да пробате чак-чак, ечпочмак и други јадења од татарската кујна и да ја посетите неверојатната казанска тврдина и џамијата „Кул-Шариф“.
Во Краснодарскиот крај и на Крим температурата во април веќе може да биде 15-20°С. Секако, сè уште е рано за капење во морето, но затоа е вистинско време за долги прошетки, уживање во сонцето, цвеќето и морскиот воздух. Овде се нудат голем број организирани еколошки патеки за здрави прошетки. Можете исто така да ги посетите крајбрежните градови и природните убавини во овие краишта. Сочи, Геленџик, Јалта, Севастопол – ќе бидат одлична програма за вашето пролетно патување.
МАЈ
Прославете го Велигден во стар руски манастир
По 48 дена од Великиот пост кој започнува веднаш по Масленица, се празнува најголемиот православен празник – Велигден. Во 2024 година Велигден се паѓа доста доцна – на 5 мај (католиците го слават многу порано оваа година – на 31 март), што значи дека веќе ќе биде доста топло. Во саботата пред Велигден православните верници одат во црква да осветат кулич (велигденски колач) и вапсани јајца, а во недела во сите храмови се служат литургии, по што можете да се омрсите на богатата трпеза.
Дочекот на православниот Велигден е посебно доживување во некој од древните манастири на Златниот прстен на Русија, на пример, во Троице-Сергиевската Лавра во Сергиев Посад или во старите цркви на Ростов Велики, Јарослав и Углич.
9 мај е голем празник во Русија – Денот на Победата во Втората светска војна. Традиционално се одбележува свечено во Москва и во многу други градови на војничката слава. Тоа е и конкретен датум за Волгоград. Поранешниот Сталинград, имено, преживеа една од најкрвавите битки во војната и беше речиси целосно уништен. Сега во овој град се наоѓа најпознатиот споменик посветен на победата „Мајката Татковина повикува“, како и меморијалниот комплекс „Мамаев Курган“. Впечатокот што го оставаат овие објекти е исклучително потресен! И, се разбира, на Денот на победата во градот се одржува свечена парада.
Кулминацијата на познатите бели ноќи во градот трае од средината на јуни до почетокот на јули, но сезоната започнува веќе на почетокот на мај. Тогаш сонцето во Петербург заоѓа многу доцна, а изгрева многу рано, така што слободно можете да шетате во текот на цела ноќ уживајќи во градот, неговите реки и канали и слушајќи ја музиката на уличните музичари. А на 27 мај градот свечено го одбележува својот роденден (годинава 321-от!)
mk.russialove.com