Во декември, многу туристи патуваат на северот на Европа за да искусат возбудливи возења со санки и моторни санки, да се восхитуваат на поларните светла и да го сретнат Дедо Мраз во неговата „природна средина“. Сепак, можеби најнеобичното искуство што можете да го доживеете овде е преноќување во соби од мраз!
Хотелот во Јукасјарви, Шведска е токму тоа – хотел изграден од мраз и снег. Минатата недела беше отворен за јавноста по 34-ти пат, а во него е може и да се преспие, пишува „Путникофер“.
Со своите прекрасни пејсажи и близината на градот Кируна, Јукасјарви отсекогаш бил популарна летна дестинација во Шведска. Меѓутоа, во далечната 1989 година, еден локален жител решил да го подобри искуството на своето место и да создаде нова зимска атракција – првиот леден хотел во светот.
Инспирацијата за оваа необична идеја ја добил една вечер кога група авантуристи, опремени со кожи од елени и вреќи за спиење, го прашале дали можат да преноќат во неговата „ледена“ работилница. Тој брзо сфатил дека отворањето на „леден хотел“ ќе биде навистина извонредна идеја.
Направен од мраз од реката Торна, хотелот поминува низ некаква „реинкарнација“ секоја година и се трансформира во сосема нови форми кои оставаат без здив. На ова исклучително место се собираат неколку десетици уметници од различни земји за да ги оживеат своите иновативни дизајни.
Температурите на хотелските соби се одржуваат помеѓу -5 и -8 степени Целзиусови за да се осигура дека мразот ќе остане недопрен во текот на зимската сезона. И покрај студот, сите гости спијат на кревет од мраз, но за да им биде удобно, обезбедени се дебели душеци, термални вреќи за спиење и топли ќебиња од кожа од ирваси. Секое утро се пречекуваат со топла шолја чај во лобито на хотелот, а потоа следува бесплатна посета на сауна за загревање.
Во ледениот хотел, можете да уживате во пијалок во ледениот бар, да се восхитувате на замрзнатата уметност и да ја истражувате недопрената дивина на шведската Лапонија. Според информациите од официјалната веб-страница, хотелот нуди и кино и сала за различни церемонии, и двете целосно направени од мраз. Патувањето до хотелот е лесно: има редовни возови и авиони од Стокхолм до Кируна, а од Кируна до Јукасјарви е кратко возење со автобус од 30 до 50 минути, во зависност од временските услови.
Фото: Инстаграм/ icehotelsweden