Турција: Пештерата Балиџа придонесува за здравствениот туризам на Токат

Пештерата Балиџа е природен парк и се наоѓа во областа Пазар, на 23 километри од центарот на турскиот град Токат, пишува Анадолу.

Природниот парк се наоѓа на планината Акдаг во средишниот регион на Црното Море.

Пештерата што се наоѓа на надморска височина од 1.085 метри во селото Балиџа, има интересни сталактити и сталагмити формирани во текот на милиони години.

Пештерата се наоѓа на привремената листа за светско наследство на УНЕСКО, а за посетителите се отворени осум галерии.

Пештерата чува мистерија во деловите кои сè уште не се отворени за посетителите.

Беше затворена за посетители на 13 септември 2021 година поради работи на еколошкото планирање спроведени во рамки на „Проектот за рурален туризам од Акдаг до Казова“ во соработка со Гувернерството на Токат и Централната агенција за развој на Црното Море.

По 11 месеци повторно е отворена за туристи. Пештерата во голема мера придонесува за здравствениот туризам на градот, бидејќи ја посетуваат и лица кои имаат астма.

Гувернерот на Токат, Нуман Хатипоглу, за Анадолу изјави дека реконструкцијата на пештерата е завршена и дека сега е обезбедено и сместување во подрачјето каде што се наоѓа пештерата.

„Пештерата Балиџа е добра за лицата кои имаат астма и отежнато дишење. Таа е една од најважните туристички дестинации во Токат“, нагласи Хатипоглу.

Водичот Мехмет Улку рече дека посетителите моментално можат да одат 680 метри хоризонтално од влезната капија на пештерата и да се спуштат на длабочина од 75 метри.

„Температурата во внатрешноста на пештерата е од 17 до 24 степени, не се менува во лето и зима. Влажноста може да варира од 40 до 80 проценти. Во пештерата нема полен ниту прав“, истакна Улку.

Пештерата е изградена од карстни кристални варовници и е развиена меѓу поединечни карстни блокови. Долга е 680 метри и зафаќа површина од 6.500 квадратни метри.

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds