Посетете го „Замокот на Дракула“ во Трансилванија!

Легендата за грофот Дракула никогаш нема да избледи. Малото гратче Бран во Трансилванија е домот на прекрасниот замок на Дракула, мистично здание кое гордо се издига над гратчето и тивко раскажува…

Токму овде, во овој дел од Романија, се верува дека магнетното поле на Земјата е најјако, па луѓето се надарени со екстра сензорна перцепција.

Легендите за натприродното се дел од романскиот фолклор со векови наназад, а најпозната од сите нив е секако приказната за Влад Цепеш или Влад Дракул, владетел од „Редот на Змејот”, член на династијата Дракул која долго време владеела во Валахија.

Името Дракула, било прекар на Влад: романскиот збор “драк” има две значења – “змеј” и “ѓавол”, а “а” на крајот значи “син на…”. Заради покажаната храброст во борбата против Турците, Влад Втори бил прифатен во Редот на змејовите, братско здружение на витези. Соборците почнале да го нарекуваат Дракул, што значело “змеј” и така неговиот син Влад Трети, го добил прекарот Дракула – “син на змејот”. Се разбира, тие што на прво место ја ставале крволочноста на Влад го користеле другото значење на зборот “дракул”, па го нарекле “син на ѓаволот”.

Дел од животот Дракул поминал токму во замокот Бран кој и денес привлекува многу внимание. Издигнат во карпа, високо над градот, замокот е прекрасна туристичка атракција, нуди величествен поглед и можност да ја погледнете внатрешноста, како и подземните ходници по кои некогаш чекорел Влад Дракул.

Долги години по смртта на Влад Дракул (загинал во битка во 1476), замокот ѝ бил подарен на романската кралица Марија.

Туристите кои го посетуваат се сведоци на предмети и облека токму од нејзиното време, но за жал во замокот нема ни еден предмет кој може да се поврзе со Влад Дракул.

Сепак, легендата сама по себе е доволна за да се почувствува присуството на легендарниот владетел, па доколку ѝ дозволите на фантазијата да ве води, некаде низ многуте соби, во тајните ходници или на врвот од замокот ќе го почувствувате присуството на Влад Дракул, ќе станете дел од неговата моќ, дел од легендата и историјата.

За оние кои уживаат во мистичното, а не можат да отпатуваат во Романија, тука е виртуелната прошетка низ замокот, како и прекрасното видео на надворешноста на ова импозантно здание.

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds