Венеција од наредната година ќе воведе дневни влезници за туристи

Венеција следната година воведува влезна такса за туристи од пет евра на ден. Целта е обид да се управува со протокот на туристи привлечени од историските канали на овој познат град во северна Италија, соопшти Градското собрание.

– Сите посетители постари од 14 години ќе треба да платат влезница. Намерата е ново урамнотежување меѓу правата на оние кои живеат, студираат и работат во Венеција и посетителите на градот. Ова не е потег за заработка на пари… Надоместокот ќе ги покрие само трошоците за водење на програмата. Точните датуми на планот и како ќе се реализира ќе бидат договорени по конечното одобрување во Градскиот совет, коешто се очекува следната седмица, изјави Симоне Вентурини, туристички советник на Градот Венеција.

Надоместокот пробно ќе се применува вкупно 30 дена следната година, пред сѐ за време на пролетните празници и летните викенди кога има најмногу туристи.

Планот што се разгледува од 2019 година, беше одложен поради корона-пандемијата, а подоцна и од технички и процедурални причини.

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds