Ѓокчеада, Бозџаада и Џунда – летување во Туркије на живописните острови во Егејското Море

Летувањето на остров е предизвикувачка авантура, особено привлечна за наутичарите и љубителите на сонцето и на парче копно опкружено со море, известува Анадолу.

Покрај недопрената природа и скриените плажи, овие острови се идеални за бегство од напорното секојдневие. Ѓокчеада, Бозџаада и Џунда се три прекрасни острови во Егејското Море во Туркије, кои со векови ги пречекуваат своите гости со богатството што го нуди овој регион. Деновите на островите започнуваат со вкусен турски доручек во камени куќи, продолжуваат со капење во морето и време изминато на плажите, за да завршат со вечера во традиционалните таверни…

– Бозџаада – спокој под небото

Бозџаада е добро сочуван скапоцен камен во Егејското Море, што се наоѓа на брегот на турската област Чанаккале. Овој остров познат по чистото море, лозови насади и вината, во митолошките текстови се споменува како Тенедос. До островот лесно се доаѓа со траект што тргнува од пристаништето Гејикли, а првата знаменитост што се забележува по пристигнувањето на островот е дворецот Бозџаада од кој се пружа поглед на прекрасната околина на островот. На островот се наоѓаат манастирот Ајазма, ветерници и црквата Девица Марија.

Најпозната плажа за капење на островот се Ајазма и Аквариум беј. Ветрецот на островот нуди можност за едрење на даска на плажата Чаир, додека во длабочината на мирните заливи се организира нуркање. На најзападниот дел од островот се наоѓа светилникот Поленте и ветерници, кои се отворени за туристички обиколки. Освен што има специфични вина, островот нуди и винарски рути и запознавање на традицијата на винарството старо 3000 години. На оваа рута можно е да дегустирате вина од четири сорти грозје што стасува само на островот. Во првите недели на септември, Бозџаада е домаќин на винарски фестивал.

– Ѓокчеада – првиот и единствен „cittaslow“ остров на светот

Ѓокчеада се наоѓа во северниот дел на Егејското Море, кај полуостровот Гелиболу (Галиполе). Станува збор за сликовит остров со автентични села, топли ветрови, кози кои талкаат по ридовите, чисто море и долги плажи. Како таков, Ѓокчеада е прв и единствен остров прогласен за „cittaslow“ во 2011 година – филозофија на мирен живот. Островот има најчисти плажи и тиркизни заливи во Туркије на кои туристите сурфаат, се капат и нуркаат. Ѓокчеада има совршени услови за едрење во текот на 300 дена од годината, поради што овој остров е домаќин на илјадници сурфери. На плажата Адинџик, долга 1.200 метри, може да се едри на штица. Гизли лиман, Лаз беј, Јилдиз беј и Мави беј се останатите недопрени плажи на островот.

Ѓокчеада комбинира единствен, мирен стил, а островот е познат и по својата архитектура и кујна. Најатрактивни села на островот се Калеќој, Зејтинли, Тепеќој, Бадемли и Дереќој, кои ве маѓепсуваат со своите столетни дрвореди и автентични камени куќи. Обновените камени згради претворени се во селски хотели, кафулиња и ресторани.

– Џунда – бајка на турскиот Егеј

Џунда – остров во северниот дел на Егејското Море, убав е во сите годишни времиња. Овој остров е познат и како остров Алибеј. Поради спојот со тенок копнен мост, Џунда е достапен остров. Најголема атракција на островот е црквата Таксијархис. По реставрацијата во 2011 година, вратена е изворната убавина на оваа неокласична црква, изградена во 1873 година. Денес овој историски објект функционира како музеј Ајвалик Рахми М. Коч.

Погледот од ридот Ашиклар во предвечерието, со деликатеси во дворовите на камените куќи кога заоѓањето на сонцето го обојува островот во црвена боја, е едно од искуствата што мора да се доживеат на островот. Речиси сите јадења на островот се прават со маслиново масло и зачински растенија, а специјалитет на островот е папалина (вид риба). Покрај улиците од калдрма, има тезги и мали продавници, каде што локалното население продава рачно изработени сувенири.

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds