ВИДЕО репортажа од Порече – пештерата Пешна и селото Белица

Пешна – пештера во која и денес стои бедемот на Крали Марко

Patuvanja.mk Ве води во Порече каде ќе ги посетиме пештерата Пешна и селото Белица каде има повеќе етно ресторани.

Пештерата Пешна е во близина на градот Македонски Брод и од Скопје е оддалечена 88,5 километри ако патувате преку езерото Козјак или 153 километри доколку патувате преку Кичево. Тука треба да напоменеме дека патот преку Козјак работи само во еден правец и во одредени термини, па доколку сте авантурист Ви препорачуваме да патувате преку Козјак, но доколку сакате помирно и релаксирано возење патувајте преку Кичево..

Нашата екипа кон Пешна се упати од Охрид и возевме 94 километри поминувајќи низ прекрасните пејсажи на Дебрца , кичевско и Порече.

Пештерата Пешна се наоѓа на шест километри од Македонски Брод. Според спелеолозите, Пешна е пештера со најголем отвор на Балканот – висината на отворот изнесува 40 метри, а широчината 56 метри. Должината на пештерата е 124 метри. Во пештерата се гнездат ластовици, а во неа живеат и лилјаци.

Од крајниот северен дел на пештерата, по силни дождови и топење на снегот избива силен вруток, кој во сушните периоди од годината наполно пресушува.

Според месното население, водата понира од селото Крапа, кое се наоѓа на повисока надморска височина, а која формиран еколку езерца и водопади во „најголемиот пештерски систем кај нас“, за кој се претпоставува дека е долг дури десет километри.

На влезниот дел на пештерата постои средновековна тврдина и остатоци од воденица. Остатоците од тврдината во пештерата се доведуваат во врска со месноста „Девини кули“ која се гледа од внатрешноста на пештерата. Според локалните легенди, на двете тврдини живееле сестрите на Крале Марко.

Пешна е регистрирана како наоѓалиште од доцноантичкиот период во Македонија.

Интересно е да напоменеме дека при нашата посета на пештерата забележавме дека од горните делови се откорнала поголема карпа, а на некои места имаше паднати помали камења, што може да претставва опасност и посетителите треба да се внимателни.

Во близина на пештерата е подигната мала црква посветена на Архангел Михаил. Просторот околу црквата е уреден и чист, а поставени се и маси и клупи за седење па местото се користи како излетиште.

Од Пешна патувањето го продолживме кон Белица. Пределите низ Порече се навистина прекрасни. Патот поминува низ течението на реката Треска , а низ целата долина се пружа глетка на зелени ридови прекриени со шума или трева.

Белица е село кои последниве години е угостителски центар на Порече. Во селото има неколку рибни ресторани и рибници каде се чува речна риба, која потоа се нуди на посетителите. Ние го посетивме ресторанот Чифлик, кој има сопствен рибник од кој се прават специјалитети од риба.

Во рестораните во Белица покрај риба можете да нарачате и храна од дивеч, а секако на мени е и целата македонска кујна.

По прекрасното патешествие тргнавме назад кон Охрид и на кратко влеговме во селото Слатина, кое има повеќе импозантни пештери , но за жал во нив влез за туристи сеуште не е возможен, по што тргнавме кон Македонски Брод од каде заминаме за Охрид.

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds