Импозантниот древен град Термесос во близина на Анталија, Туркије, бил неосвоива тврдина дури и за Александар Македонски, но неговите остатоци на падините на планината сè уште ги доловуваат погледите и воздишките на туристите од целиот свет, јавува Анадолу.
Сместени во зелениот шумски пејзаж на падините на планината Гулук на малку повеќе од илјада метри над морето, остатоците од античкиот град Термесос се сметаат за едни од најзачуваните и археолошки најзначајните во Република Туркије.
До градот води тесна патека од ридот, а самиот град е украсен со остатоци од големи столбови, карпести гробници, саркофази, како и монументален амфитеатар.
Овој неистражен бисер од привремената листа на светско наследство на УНЕСКО датира од четвртиот век пр.н.е. и привлекува десетици илјади туристи од целиот свет, особено љубители на природата и тајните на минатото на човештвото.
Иса Кизгут, раководител на Катедрата за археологија на Универзитетот Акдениз во Анталија, рече дека Термесос бил важен град што служел како главен град на регионот Писидија.
„Остатоците од античкиот град и денес ги фасцинираат луѓето и бројот на посетители континуирано се зголемува во последните години. Замислете, Александар Македонски тргна од Македонија, ги освои сите земји до Индија. Едно од ретките места што не можеше да го заземе е Термесос, сместен во тешко пристапен пејзаж“, вели Кизгут.
извор:Анадолу.
фото: Orhan Çiçek/AAАнадолу.