видеа: ТОМЕ КАМНАРОВСКИ
Еден од најголемите и најсовремените аеродроми во Европа се наоѓа во близина на Амстердам. Аеродромот Схипхол годишно опслужува десетици милиони патници и поврзува стотици дестинации ширум светот. Освен воздушен сообраќај, на патниците им нуди бројни услуги, ресторани, продавници и директна железничка врска со Амстердам.
Аеродромот Схипхол во Амстердам е еден од најважните воздушни центри во Европа.
Со современ дизајн и голем број услуги, аеродромот е приспособен за милиони патници кои секојдневно минуваат низ неговите терминали.
Патниците на располагање имаат голем избор на ресторани, кафулиња, продавници, салони за одмор, деловни простории и различни содржини за време на чекањето на летот.
Една од главните предности е и одличната транспортна поврзаност. Железничката станица се наоѓа директно под терминалот, овозможувајќи брза врска со центарот на Амстердам и со други холандски градови.
Бројките покажуваат колку е значаен Схипхол за меѓународниот сообраќај. Во 2025 година низ аеродромот поминале околу 68,8 милиони патници, а биле реализирани приближно 477 илјади летови.
Схипхол поврзува околу 300 дестинации ширум светот, со што претставува важна точка за патниците од Европа, но и за оние кои патуваат кон Северна Америка, Азија, Африка и други делови од светот.
Современата инфраструктура, големиот број услуги и широката мрежа на летови го позиционираат Схипхол меѓу најзначајните европски аеродроми.
Кога врне, холандските автопати речиси и да немаат вода
Дождот во Холандија не е ништо необично. Но, она што остава впечаток кај посетителите е начинот на кој изгледаат автопатите дури и за време на силни врнежи.
Додека на многу патишта дождовницата се задржува на асфалтот и создава барички, на холандските автопати водата речиси веднаш исчезнува од површината.
Тајната е во самиот асфалт.
На голем дел од холандската мрежа на автопати се користи многу порозен асфалт, познат како ZOAB. Неговата отворена структура овозможува дождовницата да поминува низ површинскиот слој, наместо да останува на коловозот.
Но, зад чистиот и функционален коловоз стои и цел систем за управување со водата. Во Холандија дождовницата од патиштата се насочува и контролира преку различни системи, а при изградба и проширување на автопатите се води сметка дополнителните асфалтирани површини да не создадат проблеми со водостојот во околината.
Холанѓаните денес одат и чекор понатаму. На автопатот А58 кај Ајндховен се тестираат решенија со кои дождовницата не само што брзо се одведува, туку може и да се задржи, прочисти и повторно искористи.
Видеото може да го погледнете на овој линк…
Токму затоа холандските автопати се пример како инфраструктурата може да се прилагоди на дождливата клима. Асфалтот не е само површина по која возат автомобилите – тој е дел од системот за управување со водата.
И можеби највпечатливата слика е едноставна: врне силен дожд, автомобилите возат со голема брзина, а зад нив нема облак од вода и прскање.
Тоа е резултат на комбинација од современ асфалт, внимателно проектирана инфраструктура и долгогодишно холандско искуство со – водата.










