За Венеција веќе се напишани бројни хвалоспеви, а славните уметници од минатото како Франческо Петрарка, Чарлс Дикенс, Ернест Хемингвеј, Јохан Волфганг фон Гете… па сѐ до денешните ѕвезди како Џорџ Клуни, Николас Кејџ, Алек Болдвин… го препознале тој град како идеално место каде што не сакаат да бидат само на поминување, туку и да имаат свој сопствен дом.
Понатаму, венецијанскиот карневал е светски познат настан кога и онака специфичните градски улици стануваат сцена на најшарените маски и ликови… Но, да тргнеме по ред.

Поглед во минатото
Некогашното средиште на Млетачката Република, Венеција отсекогаш имала статус на „посебен“ град, како поради својата конкретна централна позиција за одвивање на европската и светската трговија и своето пристанишно значење, така и поради „она нешто“ што во градот привлекувало бројни уметници, кои во него барале и наоѓале инспирација.
Изградена е на 118 острови, опкружени со 170 канали, поврзани со повеќе од 400 мостови. Најдолгиот канал, Канал Гранде, го пресекува стариот дел од градот и всушност претставува најпознатата „улица“.

Покрај тој канал се наредени бројни палати, како на пример Палацо Граси, Каза Рецонико и Каза д’Оро, една од постарите венецијански палати, која своето име (Златна куќа) го добила поради позлатените и повеќебојни украси што некогаш го краселе нејзиното прочелје.
Што да се посети
Покрај каналот, поточно на местото каде што тој се спојува со Заливот на Свети Марко, се наоѓа црквата Санта Марија дела Салуте. Иако не е со импресивна големина, таа ги воодушевува посетителите со својата хармонија и класични пропорции и стана една од најчесто фотографираните цркви во Италија.
Откако била изградена како знак на благодарност за престанокот на епидемијата на чума која ја опустошила Венеција во 17 век, било одлучено секоја година да се организира процесија, која и денес е позната како Festa della Madonna della Salute, во која учествуваат венецијански официјални лица.

Уште една црква што привлекува големо внимание е Базиликата Свети Марко, сместена на истоимениот плоштад. Оваа базилика е еден од најсјајните примери на византиската архитектура, позната и под името Црква од злато, благодарение на раскошните византиски мозаици.
Со оглед на тоа што на почетокот таа всушност била „капела“ на млетачките владетели, отсекогаш уживала статус на симбол на млетачкото богатство и моќ.
Самиот Плоштад Свети Марко постепено го добивал својот денешен статус на центар на Венеција. На почетокот бил градина, а подоцна и мало трговско пристаниште. Дури по изградбата на базиликата станал средиште на градот. Со поставувањето на двата гранитни столба, на едниот се наоѓа крилатиот лав како симбол на Свети Марко и Венеција, а на другиот статуата на Свети Теодор, првиот заштитник на Венеција.

Мостовите на Венеција
Меѓу бројните мостови што ја красат Венеција, секако најпознати се Понте ди Риалто и Понте деи Соспири (Мостот на воздишките).
Мостот Риалто е најстариот од четирите мостови што го преминуваат Канал Гранде.
Мостот на воздишките е туристичка атракција што привлекува внимание со легендата дека на сите парови кои ќе се бакнат под него ќе им биде загарантирана вечна љубов. Но, неговото име потекнува од воопшто неромантична приказна. Имено, мостот им го овозможувал на затворениците последниот поглед кон градот пред да бидат затворени во блиските ќелии.

Мурано стакло
При посета на Венеција, секогаш треба да се одвои време за посета на блиските острови, при што особено се истакнуваат Бурано, шарениот остров што се лулка, и Мурано, двата познати по производството на особено убаво стакло.
Мурано стана познат како центар за производство на стакло откако Венеција во 1291 година одлучи да ги пресели сите работилници за производство на стакло на тој тогаш оддалечен остров, бидејќи до тогаш често избувнувале пожари во тогашната претежно дрвена Венеција.
Денес во Мурано се произведуваат со истите традиционални методи бројни предмети од стакло, од предмети на современа уметност и дизајн, до накит, лустери и фигури.

Помалку е познато дека Венеција е град со многу богат студентски живот, иако ноќната забава што градот ја нуди — а без која е тешко да се замисли студентскиот живот — е многу скромна. Но, голем број музеи, библиотеки, галерии, преубави кафулиња и ресторани… очигледно претставуваат привлечна содржина за спојување на убавото со корисното.
Карневал во Венеција
Иако се смета дека традицијата на карневалот започнала подоцна, уште во 12 век овој настан се сметал за период на „лудило“ со кој властите го канализирале однесувањето на поданиците на Млетачката Република. Дури во 15 век започнуваат да се користат и денес познатите уметнички насликани маски.

Проценките се дека во деновите на карневалот Венеција ја посетуваат околу три милиони туристи. Со оглед на тоа што Венеција секогаш е преполна со туристи, препораката е, ако навистина не сакате да бидете дел од таквата маса, да ги избегнете деновите на карневалското лудило и да го посетите градот во друг период од годината кога сепак „полесно се дише“.
wish.hr




