Во срцето на стариот Истанбул, во густо
изградената област во близина на Галата и Златниот Рог, се наоѓаат две необични православни цркви кои со години ја привлекуваат љубопитноста на минувачите и туристите. Црквите „Свети Никола“ (Aya Nikola Rum Ortodoks Kilisesi) и „Свети Пантелејмон“ (Aya Panteleimon Rum Ortodoks Kilisesi), сместени буквално една до друга, често оставаат впечаток дека се изградени на кровови од станбени згради.Иако таквата слика е оптичка илузија, предизвикана од густото урбано ткиво, двете цркви навистина се вклопени меѓу околните објекти на начин што нивните фасади однадвор наликуваат на обични градски згради.

Единствениот јасен белег дека станува збор за православни храмови се нивните скромни куполи, кои се издигаат над покривите и сведочат за духовната намена на овие објекти.Црквата „Свети Никола“, посветена на заштитникот на морепловците и патниците, има особено значење поради близината до Златниот Рог – простор кој со векови бил центар на трговијата и поморскиот живот на Истанбул.

Денешната градба потекнува од 1837 година, но е подигната врз темели на постара византиска црква, што укажува на долгиот континуитет на православното присуство во овој дел од градот.Непосредно до неа се наоѓа црквата „Свети Пантелејмон“, посветена на светецот-заштитник на болните и лекарите. И оваа црква припаѓа на Грчката (Рум) православна заедница и функционира под духовна јурисдикција на Екуменската патријаршија во Истанбул.

Како и „Свети Никола“, таа била изградена во период кога православните храмови во Османлиското Царство морале архитектонски да се прилагодуваат, без надворешна раскош и без доминантно присуство во градскиот пејзаж.Токму оваа скромност и прилагоденост им овозможиле на овие цркви да опстојат со векови.

Денес, тие се редок пример за урбана православна архитектура, каде верата е присутна, но ненаметлива, скриена зад фасади што ја следат логиката на околното живеење.Иако не се меѓу најпознатите туристички атракции на Истанбул, црквите „Свети Никола“ и „Свети Пантелејмон“ претставуваат вистинско духовно и културно богатство. Тие се тивки сведоци на едно време во кое верата се чувала со смиреност, истрајност и прилагодување – вредности кои и денес можат да се прочитаат во куполите што се издигаат над покривите на градот.




