Катедралата Нотр Дам продолжува да привлекува посетители од целиот свет откако повторно ги отвори своите врати за јавноста, а туристите ги споделуваат емоциите и потсетуваат на длабокото културно и духовно значење на овој париски симбол, јавува Анадолу.
По завршувањето на петгодишната реставрација по катастрофалниот пожар во 2019 година, катедралата Нотр Дам на 8 декември 2024 година повторно ги отвори вратите за посетителите.
Овој импозантен архитектонски споменик, изграден меѓу 12 и 14 век и овековечен во познатото дело „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ на францускиот писател Виктор Иго, повторно стана центар на културниот и духовниот живот во срцето на Париз.
Процесот на обнова беше исполнет со многубројни предизвици, особено во првите години по пожарот, поради сериозните оштетувања на конструкцијата и здравствените ризици предизвикани од оловната контаминација, како и поради пандемијата на КОВИД-19.
Посетителите што имаат можност повторно да ја видат катедралата споделуваат силни емоции и восхит од нејзината обнова.
Естонската уметница што живее во Франција, Ирина Белаје, раскажува дека во моментот на пожарот живеела веднаш до катедралата.
„Некој ми покажа видео и мислев дека е анимација. Не можев да поверувам дека е вистина. Се молевме цела ноќ и потоа. Беше исклучително тажно. Цел свет плачеше, беше ужасно“, вели Белаје, која нагласува дека повторното влегување во катедралата било емотивно и дека иако почувствувала мали разлики, духот на Нотр Дам останал ист.
И Венди Риал-Виц, студентка што живее во Париз, ја посетила катедралата веднаш по отворањето.
„Дефинитивно може да се почувствуваат некои промени внатре, но реставраторите се трудеа максимално да ја зачуваат автентичноста и да го задржат оној посебен духовен амбиент што ја прави оваа катедрала вистинско ремек-дело“, рече таа.
Овие сведоштва на посетителите доаѓаат само неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон им го додели националниот Орден за заслуги на поединците што директно придонесоа за обновата на катедралата.
Макрон на свечената церемонија во Париз ја опиша реставрацијата како симбол на националната сила и единство, истакнувајќи дека „овој проект покажува што може да постигне еден народ кога е обединет“.