Градот Бриж, главен и најголем град на Западна Фландрија во регионот Фландрија во северозападниот дел на Белгија, претставува уникатен пример на средновековно населено место што успеало да го зачува историскиот изглед низ вековите, јавува Анадолу.
Познат како еден од главните комерцијални и културни центри на Европа, овој град се истакнува со готската архитектура што е клучен дел од неговиот идентитет.
Бриж се нарекува Венеција на северот, како што е случајот и со некои други градови со канали, на пример, Амстердам.
Градот е економски важен поради пристаништето и некогаш бил еден од главните трговски градови во светот.
Познат е по езерото Миневатер, кое го нарекуваат и езеро на заљубените. Посетителите што пловат по каналите имаат можност да откријат скриени романтични агли, тајни градини и уникатни погледи кон градот.
Плоштадот Бруг, кој е обележје на градот, е опкружен со шарени куќи, а тука се наоѓа и камбанаријата, најважната кула во Бриж, висока 83 метри.
Со векови тоа била најважна градба во градот и важен видиковец во случај на војна, пожар или кој било друг вид катастрофа.
Денес посетителите може по 366 скалила да се искачат до врвот, а оттаму има воодушевувачки поглед на Бриж и неговата околина.
Освен со историските знаменитости, Бриж има и посебен придонес во современата култура.
Градот е дом на подземен цевковод за пиво, прв од ваков вид во светот, кој е одраз на значењето на белгиската пивска култура, вклучена во листата на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО од 2016 година.
Со коњски запреги по тесните улички, велосипедски патеки, лебеди во водите на каналите и шармантни куќи, Бриж го освојува срцето на секој посетител.
Градот годишно привлекува речиси 8 милиони посетители.