„Туркиш ерлајнс“ на странските патници помеѓу летовите им нуди бесплатна обиколка на Истанбул

Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (THY) на своите меѓународни патници кои чекаат трансфер на аеродромот во Истанбул им нуди можност за бесплатна обиколка на градот, пишува Анадолу.

Патниците кои го користат Истанбул како транзитна точка за нивните летови имаат можност за убаво искуство преку проектот на „Туркиш ерлајнс“ „TourIstanbul“.

На Аеродромот Истанбул, патниците кои имаат временски период од шест до 24 часа меѓу два лета имаат можност да се запознаат со историските и културните вредности на градот.

Патниците се преземаат од аеродромот со приватни автобуси „TourIstanbul“ и се враќаат на аеродромот во Истанбул за нивните летови по обиколката низ градот со водич.

Турите, кои ги започна „Туркиш ерлајнс“ во 2009 година, но беа прекинати на одредено време поради епидемијата на коронавирусот, повторно започнаа во 2022 година.

Во утринските часови, вработените во „Туркиш ерлајнс“ ги земаат транзитните патници со приватен автобус и ги носат гостите во палатата Долмабахче. Патниците, на кои овде им се служи традиционален појадок, можат со водич да ја посетат палатата Топкапи и Аја Софија, без плаќање на влезница. На патниците им се нуди и ручек, а потоа се враќаат на аеродромот за својот лет.

Менаџерот за маркетинг на „Туркиш ерлајнс“, Абдула Јормаз, за Анадолу изјави дека проектот е наменет за меѓународните транзит патници.

„Обезбедуваме бесплатни тури за нашите патници кои имаат време на чекање соодветно на времето на обиколката. Влезот во музеите е исто така бесплатен. Во зависност од времето на турата, нудиме појадок, ручек или вечера. По тоа се разликуваме од другите авиокомпании во светот или другите аеродроми кои имаат градска програма“, појасни Јормаз.

Пакистанецот Абдулхалик Гаури, кој преку Истанбул патуваше од Чикаго до Карачи, го изрази своето задоволство од можноста на овој начин да ги посети знаменитостите на Истанбул.

„Никогаш претходно не сум учествувал на ваква тура. Никогаш, никаде во светот не сум доживеал вакво гостопримство. Обезбедени се бесплатен појадок, ручек, бесплатна поддршка за превоз и целодневна услуга за водич. Дури и влезот во музеите е бесплатен. Ова многу ме изненади. Ова е совршен начин на рекламирање. Со оваа великодушност и гостопримство „Туркиш ерлајнс“ и Турците се многу сакани“, рече Гаури.

Бумика Маски, Американка со потекло од Непал, рече дека ја видела оваа тура на телевизија и на многу канали на Јутјуб.

„Префериравме целодневен излет. Имавме бесплатен појадок. Видовме многу места како Аја Софија и Сината џамија и палатата Топкапи. По ручекот ќе видиме многу места. Ми се допадна што е бесплатно. Луѓето треба да патуваат со „Туркиш ерлајнс“, да ја посетат Туркије и да се придружат на оваа тура“, рече Маски.

Наталија Тодоровиќ од Соединетите Американски Држави рече дека се враќала од островот Маурициус каде била на одмор со сопругот, а на турата се приклучиле бидејќи за лет до Њу Џерси требало да чекаат 13 часа.

„Тоа е навистина е одлична тура. Направен е одличен план. Видовме важни историски и туристички центри, џамии. Појадокот беше многу добар, а најмногу ми се допаднаа баклавата и баба гануш“, раскажа Тодоровиќ.

Нејзиниот сопруг Горан Тодоровиќ исто така рече дека турата на „Туркиш ерлајнс“ низ Истанбул била над нивните очекувања. Тој особено го пофали начинот на испланираност на турата:

„Симитот беше многу убав. Баклавата беше вкусна. Не ми е прв пат во Истанбул. Аја Софија е прекрасна, но Сината џамија ми се чинеше малку поинаква“.

извор: Анадолија

Следете не на Фејсбук:


This will close in 30 seconds