Есента може да биде едно од најдобрите времиња за патување во Европа. Дестинациите може да бидат многу потивки по летото, што значи помал метеж и често пониски цени. Како и градовите и урбаните дестинации, руралните места како што се националните паркови се фантастични за посета во овој период од годината, кога природата почнува да се трансформира во мешавина од прекрасни бои.
Доколку сакате да патувате оваа есен, инспирацијата за дестинацијата можете да ја најдете во листата на списанието „Травел енд дестинејшнс“, кое ги претстави 15-те најдобри локации во Европа за овој период од годината.
Плитвички Езера во Хрватска го зазедоа првото место.
– Националниот парк Плитвички Езера е прекрасен парк лоциран во северна Хрватска, во близината на Загреб. Тој е најстариот и прв национален парк во земјата и е на листата на светско наследство на УНЕСКО од 1979 година. Она што го прави ова место толку посебно се 16-те езера содржани во парк од 300 квадратни километри, кои се во неверојатни бои – се наведува во списанието.
При посета наесен, можете да уживате во различни патеки и маршрути што ви дозволуваат максимално да ја искористите вашата посета и да уживате во паркот од различни агли и перспективи.
Санторини е популарен остров во близината на брегот на Грција и се најде на второто место.
– Познат е по прекрасните зајдисонца и живописната архитектура. Како што можете да очекувате, оваа дестинација е исклучително популарна во текот на летните месеци, затоа упатете се таму на почетокот на есента за потивка и помирна сцена. Од крајот на септември до октомври можете да сметате на температури од 21 до 24 Целзиусови степени – се наведува во списанието.
Прага, која се најде на третото место, е опишана како совршен есенски град.
Според списанието, Прага има фантастични паркови низ целиот град, од кои некои нудат совршен поглед на градот, што е одлично за фотографирање. Овој град исто така е исклучително прометен во текот на летните месеци, како и за Божиќ, така што есента е малку потивко време за посета.
Целосната листа на топ 15 дестинации ги вклучува:
Плитвички Езера, Хрватска
Санторини, Грција
Прага, Чешка
Национален парк Боемска Швајцарија, Чешка
Виена, Австрија
Париз, Франција
Замокот Нојшванштајн, Германија
Будимпешта, Унгарија
Малта
Исланд
Блед, Словенија
Халштат, Австрија
Маракеш, Мароко
Рим, Италија
Шкотски висорамнини, Шкотска…