Жителите и туристите во Париз од 2025 година повторно ќе можат да пливаат во реката Сена, првпат по повеќе од 100 години, објави вчера градоначалничката на француската престолнина, Ана Идалго.
Таа посочи три места коишто ќе бидат отворени за јавноста – водно собиралиште што веќе делумно е во употреба, како и две други наменски плажи недалеку од Ајфеловата кула. Местата за капење ќе бидат означени со пловки и пристапни преку пристаништето во близина. Ќе има и соблекувалници и тушеви.
Можноста повторно да се капат во Сена е долгогодишна желба на парижани. Пливањето во Сена е официјално забрането од 1923 година поради лошиот квалитет на водата, но и покрај забраната, тоа се практикувало до 60-тите.
„Ова е долгогодишен сон и е на добар пат конечно да стане реалност“, соопштија од градот.
Проектот има поттик и од Олимписките игри што ќе се одржат во Париз во 2024 година. Некои од натпреварите во пливање ќе се одржат во Сена. Во тек се и напори за подобрување на квалитетот на водата. Градот, според наводите, веќе има вложено 1,4 милијарди евра за да ја направи Сена почиста барем за пошироката област на Париз.
Извор: Курир.мк